Бременост, предизвици и постпородилна депресија

Периодот на очекување дете може да биде едно од најубавите животни искуства. Тој период ни помага да се промениме ние самите, ни дава нова смисла и ја зајакнува партнерската врска. Од друга страна пак, може да биде стресен период исполнет со променливо расположение, стравови за нероденото бебе, за текот на бременоста и породувањето. Доколку бременоста е ризична и постојат компликации или постојат несогласувања со партнерот околу раѓањето на детето тоа може да доведе до чувство на тага и неизвесност која не можеме да ја контролираме.Станувањето родител е истовремено и најтешката работа и најубавата работа кој некој може да ја доживее.
Предизвиците кои ги носи станувањето родител
Бременоста е предизвик за мајката која има потреба од помош и разбирање од страна на партнерот и поширокото семејство. Мајката обично носи поголем товар со самото тоа што го носи бебето, го раѓа и го дои. Многу жени во тој период се прашуваат дали фактот дека се жени значи дека автоматски треба да знаат се́ околу раѓањето и подигнувањето дете. Во нашата култура често е застапен ставот дека доколку нешто не е во ред со детето, виновна е мајката. Тоа е преголем товар за секоја жена.
Партнерската врска во тој период е ставена на тест на издржливост. Искуствата на новопечените родители покажуваат дека доколку двајцата партнери посакуваат дете и имаат усогласени ставови во однос на родителството и врската, доаѓањето на бебето може уште повеќе да ја зајакне врската. Во случај кога кај едниот партнер постои амбивалентен став во однос на раѓањето и одгледувањето на детето, постои веројатност врската да доживее криза.
Депресија во бременоста и постпородилна депресија
Раѓањето на бебе предизвикува безброј емоции кои се движат од возбуда и радост до страв и анксиозност. Постојат случаи кога мајката во одреден период од бременоста или после породување доживува депресија. Поголемиот број на мајки се соочуваат со постпородилната депресија која обично започнува непосредно ден или два после породувањето и може да трае подолго време. Во одредени случаеви може да започне подоцна. Искуствата кои ги опишуваат мајките кои се соочиле со постпородилна депресија се: анксиозност, константно чувство на тага, променливо расположение, потешкотии со спиењето, стравови за себе и бебето. Кај подолготрајната форма на постпородилна депресија се забележуваат следните симптоми: константно чувство на тага, неможност да се поврзе мајката со бебето, константна иритабилност, изолација, повеќекратни панични напади, намалена концентрација, намалена самодоверба и чувство дека е лоша мајка. Во таквите случаи најчесто помага советување и психотерапија.
Во продолжение, неколку изјави на мајките кои се соочиле со постпородилната депресија.
ˮРаѓањето на бебето е најсреќен момент а јас наместо да се радувам не можам да престанам да плачам„
ˮСе чувствувам беспомошна и тажна што не сум доволно добра мајка за мојот син. Го сакам премногу и мислам дека ќе му биде полесно без мене„
ˮБлиските ме осудуваат поради тоа што не можам да си помогнам и ми велат дека детето е најважно„
ˮЧувствувам вина затоа што имам се́ што сум сакала, а пак не сум среќна”.

trudnicki-hormoni

Leave a comment