Партнерот се повлекува во тишина во тек на расправија?

images

Како да научиме да имаме подобра комуникација со партнерот?

Ви се случило ли среде кавга со партнерот, да се повлечете и да молчите? Ви се случило ли партнерот кога ќе се вознемири да бара одговори на повеќе прашања?

Еве едно типично сценарио. Мажот во кавга со саканата се повлекува,се трга на страна и одбива да разговара на таа и било која друга тема. Жената кој е во врска со личност која се повлекува и станува тивка и затворена во себе, најчесто мисли дека е казнета со тишина. За нештата да станат покомплицирани, жената уште повеќе притиска партнерот да почне да разговара. Молчењето на мажот само отвара стари рани кај жената и тогаш се појавува оној добро познат страв да не биде напуштена. Мажот, пак, кој се повлекува, најчесто тоа го прави поради скриен страв од доминација. Жената останува со неодговорени прашања, а мажот се повлекува уште подлабоко во школката. На тој начин не си помагаат еден со друг.

Погоре наведеното сценарио е само едно од многубројните сценарија кои партнерите секојдневно ги играат. Улогите се менуваат и се најразлични.

Во основа, кавгите помеѓу партнерите, најчесто се поради една од овие три причини:
• Сигурност, односно страв од напуштање, одбивање
• Стари рани или сеќавања кои ги активира моменталното однесување на партнерот
• Секојдневни ситници (логистика, родителски ставови, финансии…).

Што можете да направите доколку вашиот партнер се повлекува во себе односно се “затвора во школкаˮ и не сака да разговара со вас и да ги разреши нештата.
• Дајте му простор на партнерот и научете како да го правите тоа
• Не се трудете да иницирате разговор доколку партнерот не сака да разговара
• Останете смирени и со „ладна главаˮ, посветете се на активности кои ќе ви помогнат да се опуштите
• Кажете му на партнерот дека ова што го правите е тешко за вас, но ќе работите и понатаму на тоа да и́/му дадете повеќе простор
• Дајте му на знење дека ќе бидете тука доколку сака да разговара, но имајте на ум дека молчењето не може да трае вечно
• Не ја сфаќајте ситуацијата лично, партнерот не го прави тоа за да ве повреди вас.

Многу е веројатно дека партнерот ќе го цени тоа што сте му дале простор и сте биле полни со разбирање во изминатиот период. Кога партнерот ќе биде спремен/а повторно да ви се приближи и да разговара со вас, зборувајте отворено за вашите чувства, како сте се чувстсвувале додека чекавте партнерот да се обрати и како е за вас кога тој/таа се повлекува во тишина. Прашајте го/ја партнерот како е за него кога му давате простор и време да размисли за нештата.

Доколку не се случи партнерите повторно да се зближат после извесен период, тогаш им е потребна помош. Партнерската терапија обично помага партнерите да научат како да ги решаваат конфликтите и како да научат да го кажат своето мислење без да го повредат другиот.

ЗБЛИЖУВАЊЕ СО БЕБЕТО

P1030053 P1030054

Како татковците да се зближат со своето новороденче? Ова прашање многу често си го поставуваат родителите, а одговорот е дека за тоа е потребен труд, волја и поддршка од партнерот.

За детето да се развие во емоционално способна личност и да формира цврст карактер потребна е емоционална поврзаност со двајцата родители. Поврзувањето со мајката оди природно, додека за поврзување со таткото потребен е труд. Психолозите до сега најчесто ја проучувале улогата на мајката во развојот на детето. Меѓутоа, денес се́ повеќе се зборува за улогата на таткото во семејството. Голем број експерти се сложуваат дека татковците имаат иста улога како и мајките и дека се многу важно во растењето на децата. Многумина, пак, незнаат, но докажано е дека татковците имаат поголема улога во интелектуалниот и социјалниот развој на детето во однос на мајката. Дури и кога само си игра со детето, таткото го поттикнува неговиот интелектуален и социјален развој. Од моментот кога ќе се роди бебето, тоа развива поинаков однос со мајката за разлика од оној кој го развива со таткото. Кога секој родител ќе сфати која е неговата улога во растењето на бебето, веќе направиле голем напредок, затоа што нивните деца кога ќе пораснат ќе бидат посреќни, поуспешни и подобро прилагодени во однос на децата каде што само еден од родителите имал клучна улога во воспитувањето и растењето.

Вклучување во процесот

-Мајката е примарен објект на врзување со новороденчето, но тоа секако не значи дека татковците треба да бидат исклучени од тој процес. Веднаш по раѓањето,мајката и бебето спонтано воспоставуваат контакт преку доењето. Татковците најчесто во тој период се чувствуваат малку изолирано. Пред нив стои голем предизвик-како да пронајдат соодветен начин да се вклучат во интеракција со своето бебе. Најголемиот број татковци изјавуваат дека во тој период, нивната главната улога била „снабдувач на намирнициˮ. За да не биде така, најважно е таткото да е вклучен во секојдневната рутина и нега на бебето. Доколку условите дозволуваат, добро е таткото да присуствува на чинот на раѓање и да го земе бебето во раце заедно со партнерката. За почеток, таткото може да го зема бебето во раце и да му зборува. На тој начин бебето ќе се навикне на мирисот и бојата на гласот на таткото – вели Надица Скепароска-Петковска, магистер по клиничка психологија, практикант на трансакциска психотерапија при советувалиштето „Мозаикˮ.

Бидејќи одамна живееме во општество во кое има рамноправно распределба на улогите и обврските меѓу половите, време е татковците да преземат дел од големите задачи поврзани со негата, воспитувањето и растењето на своето дете.

-Треба да се надминат стереотипите според кои таткото е најчесто надвор од дома и заработува а мајката е активно вклучена во негата и одгледувањето на бебето. Освен доењето, таткото може да се вклучи во сите други активности околу бебето. Носењето на бебето во носилка или „кенгур„ исто така помага да се одржи контактот татко – бебе.  Кај бебињата кои не се ексклузивно доени, давањето млеко преку шишенце може да го прави таткото. Во првите месеци од животот на новороденчето таткото има уште една важна улога – да и́ дава поддршка на мајката. Емоционалната врска меѓу родителите е базична точка од каде се тргнува кон полесно воспоставување на емоционална врска на таткото со бебето – вели Скепароска-Петковска.

Огромна одговорност

Многу е важно таткото да стане поважен фактор во семејството одошто веќе е, особено во првите месеци од животот на бебето.

-Улогата на таткото во првите месеци е да се грижи за мајката и за бебето, како и да ги одржува врските и контактите со поширокото семејство и пријателите. Добро усогласена емоционална врска меѓу мајката и таткото е предуслов за успешно емоционално поврзување на бебето со родителите. Бидете повеќе присутни во животот на вашите деца и вашиот партнер, давајте подршка и помагајте.Татковците се тие на кои од рака им оди вербалната и физичка стимулација на бебињата. Конструктивната игра со таткото доведува до побрз напредок  кај децата на интелектуално и социјално ниво. Татковците се модел за идентификација и нивната поврзаност со мајката е базичен модел за понатамошно градење на емоционални врски. Таткото има голема улога во животот на секое дете, а тоа носи и голема одговорност- нагласува Скепароска-Петковска.

Чувство на немоќ

Во првите месеци од раѓањето на детето, татковците многу често чувствуваат немоќ доколку не можат да воспостават контакт со бебето. Но, тоа лесно се надминува, секако со помош на партнерот.

-Нормално е татковците да чувствуваат страв и несигурност кога треба прв пат да го земат бебето во раце. За охрабрување, многу истражувања  покажале дека татковците поседуваат капацитет за нега на бебињата  и имаат добро развиена способност да ги разберат сигналите кои им ги праќа бебето. Понекогаш и покрај сите активности кои таткото ќе ги превземе околу негата на бебето,  тоа не се смирува се́ додека мајката не го земе во прегратка. Во тој случај татковците не треба да се чувствуваат отфлено, немоќно и да се прашуваат каде згрешиле. Бидете храбри и наоружајте се со трпение. Побарајте помош, сите учиме преку искуство – тврди нашата соговорничка, според која еден од начините што побрзо и подобро да се поврзе таткото со своето новороденче е да ја сфати важноста на улогата што ја има: -Секоја татко треба да знае дека е важна фигура во животот на детето иако е различен од мама. Децата учат од различностите. Бебињата преку примарниот контакт со мајката здобиваат доверба и емпатија, а од татковците се учат на активност, иницијативност и одлучност. Иако навидум изгледа дека мајката и бебето во првите месеци се затворени во едно симбиотично гнездо, сепак, таткото е тука за да се грижи за нивната добростостојба и да и́ помага на мајката. Примарната врска меѓу таткото и бебето, која се гради во првите месеци е неопходна за понатамошен оптимален развој. Таткото треба да биде модел за идентификација на детето.

И покрај големата љубов што ја имаат за своето дете, татковците во првите месеци од неговиот живот се несигурни, во себе-за своето место, за улогата што ја имаат и на кој начин да се грижат за бебето. Од таа несигурност честопати се случуваат и грешки.

– Во првите неколку месеци вообичаено татковците како да се плашат да останат сами со бебето, да го земат во раце, да го пресоблечат… Голем број од нив се обидуваат на одреден начин да се поврзат со бебето, но доколку притоа немаат помош и поддршка од мајката или, пак, бабите го заземаат нивното место, брзо се откажуваат. Во тој случај се изолираат и се посветуваат на активности каде што се чувствуваат најсигурно – обезбедување на финансиската сигурност за семејството, градење кариера… Наместо тоа препорачливо е повеќе време да поминуваат со партнерката и бебето, да опсервираат и учат, зошто за воспоставување на емоционална врска треба време – советува Скепароска-Петковска.

Не се откажувајте при првиот плач на бебето кога е во вашите раце. Доколку имате барем еден успешен обид да го смирите расплаканото бебе или да предизвикате насмевка на неговите усни, вашата самодоверба како татко ќе се зголеми.

За оваа транзиција да помине што е можно побрзо таа потенцира дека потребно е и мајката да помогне во воспоставување врска меѓу таткото и бебето и нејзино зацврстување.

-Тоа што мајката може да го направи за да ја поттикне  конекцијата меѓу таткото и детето е пред се́ да има доверба во него. Дајте му простор да се вклучи во секојдневните активности и не се плашете дека нема да ги заврши успешно. Охрабрувајте го, тој го нема вашиот мајчински инстинкт, но еднакво добро знае да ги протолкува сигналите кои вашето бебе ги праќа. Кога таткото ќе го земе бебето не му составувајте список со забелешки како да постапува со него, како да го држи правилно, како да ја вози количката… На тој начин се зголемува несигурноста кај него.  Дајте им време за зближување со тоа што ќе си посветите малку време себе си. Отидете до продавница, на кафе со пријателка или само малку одморете додека таткото и бебето поминуваат  некој час заедно.  Кога таткото е сам со бебето, ќе најде соодветен начин  да ги намири неговите потреби.