Справување со стрес по трауматски настани

ptsdПо разорните поплави во и околу Скопје и Тетово, голем број граѓани се со мислите со оние кои загубија роднините и пријателите, со повредените и со оние кои имаат уништени домови. Сочувствувањето и емпатијата ги мотивираат луѓето за изнаоѓање на начини и пристапи, за да понудат соодветна помош на настраданите.

Со оглед на интензивноста на трауматските настани пред се поради, непредвидливоста, загубите и штетите што се предизвикани,  луѓето се преплавени со силни внатрешни и надворешни дразби.

Вообичаени реакции на стрес се: неверување и шок, страв и анксиозност за иднината, дезориентација, отежнато донесување на одлуки, апатија и емоционална индиферентност, кошмари и повторно ре-доживување на настаните, преокупраност со стресниот настан, иритиранст и агресија, тага и депресивност, чувство на беспомошност, промени во прехрамбените навики (изгладнување или прејадување), плачење без прчина, проблеми со спиењето (неможност за заспивање или постојано спиење), зголемена употреба на алкохол или дрога.

 

Психолошка грижа: Kако да си помогнете себе и на другите  во процес на справување со стресни настани

 Постојат голем број на чекори што можат да се преземат за да се изгради емоционална стабилност и да се обезбеди чувство на контрола по стресната ситуација. Ова се само  некои од нив:

  1. Дајте си време за прилагодување. Дозволете им на другите соодветно да се прилагодат на ново настаната ситуација. Предвидете дека следи интензивно и  тешко време во вашиот живот и во животот на другите. Дозволете тагување и жалење за загубите и оштетувањата. Обидете се да бидете трпеливи со промените на емоционален план. Бидете емпатични и трпеливи за содржините низ кои минуваат настраданите.
  2. Барајте поддршка од луѓето кои се грижат за вас и за настраданите и сочувствуваат за ситуациите низ кои поминувате. Отворете се да ги слушнете сопствените потреби. Социјалната поддршка е клучна компонента при соочување и надминување на катастрофите. Семејството и пријателите може да се важен ресурс. Можете да најдете поддршка и заеднички јазик со оние кои, исто така, ја преживеале несреќата. Може да допрете до другите кои не се вклучени, а се во можност да обезбедат поголема поддршка и објективност.  Активно слушајте и понудете помош без условување.
  3. Комуницирајте го вашето искуство. Изразете го  она што го чувствувате, на начини  што е соодветен за вас –  како што е споделување со семејството или блиските пријатели, водење на дневник или ангажирање во креативна активност. Најдете начин да креирате средина во која настраданите ќе може слободно да се изразат.
  4. Најдете или понудете стручна поддршка предводена од соодветно обучени и искусни професионалци. Групи за поддршка често се достапни за настраданите. Групната дискусија може да помогне да се сфати дека не сме сами во реакциите, доживувањата и емоциите.
  5. Ангажирајте се со здраво однесување за да ја зајакнете вашата способност за справување со премногу стресни настани. Јадете добро избалансирани оброци и планирајте го одморот. Избегнувајте алкохол и дрога, индиферентноста како последица од користењето е диверзија и го одвлекува вниманието од процесот на справување
  6. Воспоставете или повторно изградете ги рутините. Ова може да вклучува оброци во редовни термини или пак спиење и будење согласно ритамот. Воспоставете некои нови позитивни навики, како нешто на кое се радувате што ќе ви овозможи справување со вознемиреноста во текот на овие времиња.
  7. Избегнете донесување на важни одлуки во животот. На пример: менувањето на кариерата или работното место се високо стресни на свој начин и истите не се препорачуваат кога  се опоравувате од катастрофа.

 

 

 

Уреди: Македонска асоцијација за трансакциска анализа – Надица Костоска

Recovering emotionally from disaster, American Psychological Association

Core Concepts of an Integrative Transactional Analysis,  Marye O’Reilly-Knapp and Richard G. Erskine

 

Sponsored Post Learn from the experts: Create a successful blog with our brand new courseThe WordPress.com Blog

Are you new to blogging, and do you want step-by-step guidance on how to publish and grow your blog? Learn more about our new Blogging for Beginners course and get 50% off through December 10th.

WordPress.com is excited to announce our newest offering: a course just for beginning bloggers where you’ll learn everything you need to know about blogging from the most trusted experts in the industry. We have helped millions of blogs get up and running, we know what works, and we want you to to know everything we know. This course provides all the fundamental skills and inspiration you need to get your blog started, an interactive community forum, and content updated annually.

Вовед во Трансакциска Анализа

stones

Трансакциска Анализа е теорија на интерперсонална комуникација, раст, развој и промени. Трансакциската анализа како концепт е базирана на взаемно почитување, прифаќање и верување дека секој поединец има потенцијал да учи и да прави промени. Ерик Берн како основач на Трансакциската Анализа ги популаризирал своите идеи со интернационалниот бестселер »Games People Play« (1964). Трансакциската анализа е моќен психотерапевтски правец, кој го користат голем број  психотерапевти а покрај тоа се користи и во организациски развој и во едукативни цели.

„Трансакциска анализа е теорија на личност и систематска психотерапија насочена кон личен развој и промени„ (Интернационална Асоцијација за Трансакциска Анализа).

Трансакциската анализа не е терапија која се применува на клиентот, туку терапија кој се одвива заедно со клиентот. Тоа значи дека клиентот е активен учесник во терапевтскиот процес, наместо пасивен субјект кој прима информации. Клиентот прави договори со терапевтот, учествува во креирањето на насоката според која се работи и сл.

Клучни концепти во ТА* се: Его состојби, Трансакција, Строук, Анализа на игри, Животно Сценарио.

Во ТА  структурата на личноста е составена од три его состојби : Родител, Возрасен и Дете. Его состојба е систем на мисли, чувства и однесувања. Теоријата на трансакциската анализа се темели на концептот на трите его состојби и интеракцијата помеѓу нив.

Трансакција е секоја размена на информации помеѓу индивидуите и нивните его состојби. Тоа помага да се објаснат внатрешните дијалози и конфликти, како и да се подобри комуникацијата помеѓу луѓето.

Поимот Строук означува единица на интерперсонално препознавање. Тоа препознавање се одвува преку позитивни, негативни строукови или отсуство на строук.

Анализа на игри содржи цела палета на типични игри кои се одвиваат помеѓу луѓето. Игрите се репетитивни, учесниците тежнеат кон добивање строук или потврдување на своите позиции.

Животно сценарио означува план според кој живееме а се наоѓа во подсвесното. Според Берн, дисфункционалното однесување е резултат на само-ограничувачки одлуки основани во детството. Целта на психотерапијата е ова сценарио да се надмине и да се промени.

ТА е популарна пракса бидејќи концептите се разбирливи и насочени кон актуелните случувања во животот на поединецот. Трансакциската Анализа е корисна за сите кои имаат потешкотии во комуникацијата и интеракцијата со другите, за сите кои сакаат да го подобрат односот со членови на семејството, околината или деловната средина. На кратко, за сите оние кои сакаат подобро да се осознаат и да работат на сопствениот раст и развој.

 

*ТА – скратен назив за Трансакциска Анализа

 

Извори:  http://www.itaaworld.org/

http://www.markwiddowson.com/-mark-widdowson-homepage

Промотивно во Август-Психолошки тестови за деца

  1. Тест за Емоционална Интелигенција -Lawrence Shapiro (наменет за деца постари од 3 години).  Тестот за емоционална интелигенција на Lawrence Shapiro е всушност прашалник за родителите кој дава податоци кои се однесуваат на тоа како детето ги препознава емоциите кај себе и другите луѓе, дали има развиени механизми за одбрана од стрес и колку верува во себе.
  2. Тест на Интелигенција на деца – ВИСК (наменет за деца на возраст од 5 до 16 години). Тестот на интелигенција WISK е составен од повеќе суптестови и дава повеќе податоци околу општите познавања на детето, способноста за решавање проблеми и сл. Од анализата се добиваат глобален количник на интелигенција, како и вербален и невербален количник поединечно.
  3. Тест за интелигенција преку цртеж – Gudinaf (наменет за деца од 3 до 14 години). Gudinaf тестот на интелигенција се одвива преку цртеж. Наменет е за деца на кои повеќе им одговараат невербални тестови. Дава податок дали интелектуалниот развој на Вашето дете соодветствува со хронолошката возраст.
  4. Тест за детскиот психомоторен развој – RTČ (наменет за деца од 2 до 8 години). RTČ е развоен тест кој дава повеќе податоци за тоа дали развојот се одвива во добар правец. Се следи говорот, моториката и емоционалниот аспект по пат на опсервација и вежби директно со детето.
  5. Систематски психолошки преглед – SPP-3 (наменет за деца од 3 до 5 години). SPP-3 е систематски психолошки преглед наменет за следење на децата од најрана возраст и дава податоци за когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој. Се состои од Тест кој се одвива преку игра со детето и прашалници за родители.
  6. Скала за општа анксиозност кај деца-ГАСК (за деца од 4 до 14 години). ГАСК скалата за општа анксиозност дава податоци за степенот на анксиозност и појава на стравови кај децата и адолесцентите.

Цени на тестовите:

  1.  Тест за Емоционална Интелигенција -Lawrence Shapiro – 300 ден.
  2.  Тест на Интелигенција на деца – ВИСК-  600 ден.
  3. Тест на интелигенција преку цртеж – Gudinaf – 300 ден.
  4. Тест за детскиот психомоторен развој – RTČ – 500 ден.
  5. Систематски психолошки преглед – SPP-3 – 500 ден.
  6. Скала за општа анксиозност кај деца-ГАСК – 300 ден.

Забелешка: со два или повеќе применети тестови добивате 10% попуст.

Потребно е претходно закажување на термин на контакт телефон: 075 22 11 02 или e-mail: mozaik.sovetuvaliste@gmail.com.

За повеќе информации: http://www.mozaik-sovetuvaliste.mk

Concentrated boy plays developing game at  table

*Советувалиштето МОЗАИК, Друштво за приватна пракса за психологија е основано со цел да им излезе во пресрет на се́ поголемите побарувања на советодавна стручна помош. Советувалиштето работи со возрасни и деца. Услуги кои ги нуди советувалиштето се: психолошко советување, психотерапија, терапија со деца преку игра и тестирања на деца и возрасни. Психолог-терапевт е Надица Скепароска-Петковска, магистер на науки од областа на клиничката психологија и практикант на трансакциско-аналитичка психотерапија под супервизија на ИПТА-Љубљана.

Агресивно поведение, деца, адолесценти и возрасни

aggression-aggressivity-360

Секојдневно се среќаваме со личности кои се обраќаат кај психолог и психотерапевт а се соочуваат со агресивно поведение од страна на партнерот или партнерката, синот или ќерката адолесценти, детето кое оди во училиште и градинка. Во тераписки процес влегуваат кога веќе немаат капацитет да се справат со агресијата.
Суштината на агресивноста не е во деструктивното однесување, туку во настојувањето на човекот да ги задоволи своите потреби, да оди напред и да се заштити себе си. Агресивноста во различни развојни фази се изразува различно.
Удирањето односно физичкиот облик на агресивно поведение за жал, не е нешто што е непознато на човекот уште од најраното детство. Доволно е да посветите малку време за набљудување на децата во група и ќе видите како децата помеѓу себе се удираат, гризат и туркаат. Дури и најмалите деца во јасли, импулсивно удираат друго дете или гризат, кога се лути или сакаат нешто да задржат. Децата на одредена возраст го искажуваат незадоволството и лутината на начин кој за нив е најсоодветен, односно со агресивно поведение. Гризењето и удирањето други деца е најчесто фаза која е поврзана со потешкотии во вербалното изразување. На таа возраст децата не се во можност да соопштат како се чувствуваат, дали се лути или бесни некому. Во таа развојна фаза најдобро што може родителите да направат е да му помогнат на детето да ги вербализира емоциите и да му помогнат во изнаоѓање на соодветен начин на изразување, преку конструктивни активности, соодветни за возраста. Наместо да се критикува детето поради агресивното поведение, најдобро е да го учите да го поврзува своето поведение со последиците од истото. Истотака, треба да се пофали детето кога се однесува добро во група со други деца и возрасни. Физичкото казнување за агресивното поведение само ја влошува состојбата и се враќа како бумеранг.
После четвртата година од детството се формира таканаречената “теорија на умот”, според која детето почнува да учи да оценува како се чувствуваат другите луѓе и како реагираат на неговите постапки. Во таа возраст децата учат според модел. Доколку детето гледа како возрасните употребуваат физичка сила или вербално ја изразуваат агресивноста, детето започнува да го прифаќа тој образец на однесување. После шестата година кај децата се појавува агресивно поведение кое се користи како решение на конфликтите со другите и се појавува намера да се повреди другиот. Затоа родителите чии децата одат во училиште често добиваат поплаки од наставниците за нечие агресивно поведение. Најдобро во тој период е децата да се упатат кон спортски активности и да се користат методи на вербализација на чувствата кои се појавуваат кај децата. Лутината, гневот и бесот не треба да се забранети чувства, за нив треба да се зборува, треба да се изнајде адекватен начин за нивно изразување.
Следејќи го нормалниот развоен тек, во одредена фаза детството завршува и полека се пристапува кон формирање на свесност за своите поведенија и одлуки, како и за последиците од тие поведенија. Сепак, агресивноста не им е туѓа и на адолесцентите. Во адолесценција, агресивноста се манифестира преку постојани конфликти со родителите, занемарување на училишните обврски, намалување на успехот во училиште и автодеструктивно поведение (самоповредување, алокохолизам и сл.). Најдобар механизам за надминување на агресивното поведение кај адолесцентите е да се насочиме кон градење на капацитети на возрасна единка, наместо да го казнуваме бунтовното дете. Со адолесцентот се пристапува кон склопување на договори, заедничко правење планови, разговор, доследност и отсуство на критики.
Според перцепцијата на возрасните, физичкото изразување на агресија не е соодветен начин на комуникација и решавање на проблемите. Што правиме со фактот дека и ние возрасните понекогаш изразуваме агресивност на несоодветен начин? Дали тоа значи дека формираме еден магичен круг во кој влегуваат и нашите деца? Ние возрасните најмалку што можеме да направиме е да разговараме, да ги споделуваме чувствата, да ги откриваме причините за појава на тие чувства, да бидеме спремни да разбереме и да покажеме емпатија.
Важно е да се напомене дека, агресивното поведение не треба да се искорени и да не постои ниту кај децата, ниту кај адолесцентите, ниту кај возрасните. Таа треба да се пренасочи кон конструктивни активности, да се искористи во области каде личноста може да се бори за себе и да постигне нешто на адекватен и прифатлив начин.
Доколку агресивното поведение кај децата, адолесцентите и возрасните го нарушува функционирањето на единката или создава додатни конфликти во семејствата, не треба да се чека долго пред да се побара стручна помош, советување или психотерапија.

Партнерот се повлекува во тишина во тек на расправија?

images

Како да научиме да имаме подобра комуникација со партнерот?

Ви се случило ли среде кавга со партнерот, да се повлечете и да молчите? Ви се случило ли партнерот кога ќе се вознемири да бара одговори на повеќе прашања?

Еве едно типично сценарио. Мажот во кавга со саканата се повлекува,се трга на страна и одбива да разговара на таа и било која друга тема. Жената кој е во врска со личност која се повлекува и станува тивка и затворена во себе, најчесто мисли дека е казнета со тишина. За нештата да станат покомплицирани, жената уште повеќе притиска партнерот да почне да разговара. Молчењето на мажот само отвара стари рани кај жената и тогаш се појавува оној добро познат страв да не биде напуштена. Мажот, пак, кој се повлекува, најчесто тоа го прави поради скриен страв од доминација. Жената останува со неодговорени прашања, а мажот се повлекува уште подлабоко во школката. На тој начин не си помагаат еден со друг.

Погоре наведеното сценарио е само едно од многубројните сценарија кои партнерите секојдневно ги играат. Улогите се менуваат и се најразлични.

Во основа, кавгите помеѓу партнерите, најчесто се поради една од овие три причини:
• Сигурност, односно страв од напуштање, одбивање
• Стари рани или сеќавања кои ги активира моменталното однесување на партнерот
• Секојдневни ситници (логистика, родителски ставови, финансии…).

Што можете да направите доколку вашиот партнер се повлекува во себе односно се “затвора во школкаˮ и не сака да разговара со вас и да ги разреши нештата.
• Дајте му простор на партнерот и научете како да го правите тоа
• Не се трудете да иницирате разговор доколку партнерот не сака да разговара
• Останете смирени и со „ладна главаˮ, посветете се на активности кои ќе ви помогнат да се опуштите
• Кажете му на партнерот дека ова што го правите е тешко за вас, но ќе работите и понатаму на тоа да и́/му дадете повеќе простор
• Дајте му на знење дека ќе бидете тука доколку сака да разговара, но имајте на ум дека молчењето не може да трае вечно
• Не ја сфаќајте ситуацијата лично, партнерот не го прави тоа за да ве повреди вас.

Многу е веројатно дека партнерот ќе го цени тоа што сте му дале простор и сте биле полни со разбирање во изминатиот период. Кога партнерот ќе биде спремен/а повторно да ви се приближи и да разговара со вас, зборувајте отворено за вашите чувства, како сте се чувстсвувале додека чекавте партнерот да се обрати и како е за вас кога тој/таа се повлекува во тишина. Прашајте го/ја партнерот како е за него кога му давате простор и време да размисли за нештата.

Доколку не се случи партнерите повторно да се зближат после извесен период, тогаш им е потребна помош. Партнерската терапија обично помага партнерите да научат како да ги решаваат конфликтите и како да научат да го кажат своето мислење без да го повредат другиот.

ЗБЛИЖУВАЊЕ СО БЕБЕТО

P1030053 P1030054

Како татковците да се зближат со своето новороденче? Ова прашање многу често си го поставуваат родителите, а одговорот е дека за тоа е потребен труд, волја и поддршка од партнерот.

За детето да се развие во емоционално способна личност и да формира цврст карактер потребна е емоционална поврзаност со двајцата родители. Поврзувањето со мајката оди природно, додека за поврзување со таткото потребен е труд. Психолозите до сега најчесто ја проучувале улогата на мајката во развојот на детето. Меѓутоа, денес се́ повеќе се зборува за улогата на таткото во семејството. Голем број експерти се сложуваат дека татковците имаат иста улога како и мајките и дека се многу важно во растењето на децата. Многумина, пак, незнаат, но докажано е дека татковците имаат поголема улога во интелектуалниот и социјалниот развој на детето во однос на мајката. Дури и кога само си игра со детето, таткото го поттикнува неговиот интелектуален и социјален развој. Од моментот кога ќе се роди бебето, тоа развива поинаков однос со мајката за разлика од оној кој го развива со таткото. Кога секој родител ќе сфати која е неговата улога во растењето на бебето, веќе направиле голем напредок, затоа што нивните деца кога ќе пораснат ќе бидат посреќни, поуспешни и подобро прилагодени во однос на децата каде што само еден од родителите имал клучна улога во воспитувањето и растењето.

Вклучување во процесот

-Мајката е примарен објект на врзување со новороденчето, но тоа секако не значи дека татковците треба да бидат исклучени од тој процес. Веднаш по раѓањето,мајката и бебето спонтано воспоставуваат контакт преку доењето. Татковците најчесто во тој период се чувствуваат малку изолирано. Пред нив стои голем предизвик-како да пронајдат соодветен начин да се вклучат во интеракција со своето бебе. Најголемиот број татковци изјавуваат дека во тој период, нивната главната улога била „снабдувач на намирнициˮ. За да не биде така, најважно е таткото да е вклучен во секојдневната рутина и нега на бебето. Доколку условите дозволуваат, добро е таткото да присуствува на чинот на раѓање и да го земе бебето во раце заедно со партнерката. За почеток, таткото може да го зема бебето во раце и да му зборува. На тој начин бебето ќе се навикне на мирисот и бојата на гласот на таткото – вели Надица Скепароска-Петковска, магистер по клиничка психологија, практикант на трансакциска психотерапија при советувалиштето „Мозаикˮ.

Бидејќи одамна живееме во општество во кое има рамноправно распределба на улогите и обврските меѓу половите, време е татковците да преземат дел од големите задачи поврзани со негата, воспитувањето и растењето на своето дете.

-Треба да се надминат стереотипите според кои таткото е најчесто надвор од дома и заработува а мајката е активно вклучена во негата и одгледувањето на бебето. Освен доењето, таткото може да се вклучи во сите други активности околу бебето. Носењето на бебето во носилка или „кенгур„ исто така помага да се одржи контактот татко – бебе.  Кај бебињата кои не се ексклузивно доени, давањето млеко преку шишенце може да го прави таткото. Во првите месеци од животот на новороденчето таткото има уште една важна улога – да и́ дава поддршка на мајката. Емоционалната врска меѓу родителите е базична точка од каде се тргнува кон полесно воспоставување на емоционална врска на таткото со бебето – вели Скепароска-Петковска.

Огромна одговорност

Многу е важно таткото да стане поважен фактор во семејството одошто веќе е, особено во првите месеци од животот на бебето.

-Улогата на таткото во првите месеци е да се грижи за мајката и за бебето, како и да ги одржува врските и контактите со поширокото семејство и пријателите. Добро усогласена емоционална врска меѓу мајката и таткото е предуслов за успешно емоционално поврзување на бебето со родителите. Бидете повеќе присутни во животот на вашите деца и вашиот партнер, давајте подршка и помагајте.Татковците се тие на кои од рака им оди вербалната и физичка стимулација на бебињата. Конструктивната игра со таткото доведува до побрз напредок  кај децата на интелектуално и социјално ниво. Татковците се модел за идентификација и нивната поврзаност со мајката е базичен модел за понатамошно градење на емоционални врски. Таткото има голема улога во животот на секое дете, а тоа носи и голема одговорност- нагласува Скепароска-Петковска.

Чувство на немоќ

Во првите месеци од раѓањето на детето, татковците многу често чувствуваат немоќ доколку не можат да воспостават контакт со бебето. Но, тоа лесно се надминува, секако со помош на партнерот.

-Нормално е татковците да чувствуваат страв и несигурност кога треба прв пат да го земат бебето во раце. За охрабрување, многу истражувања  покажале дека татковците поседуваат капацитет за нега на бебињата  и имаат добро развиена способност да ги разберат сигналите кои им ги праќа бебето. Понекогаш и покрај сите активности кои таткото ќе ги превземе околу негата на бебето,  тоа не се смирува се́ додека мајката не го земе во прегратка. Во тој случај татковците не треба да се чувствуваат отфлено, немоќно и да се прашуваат каде згрешиле. Бидете храбри и наоружајте се со трпение. Побарајте помош, сите учиме преку искуство – тврди нашата соговорничка, според која еден од начините што побрзо и подобро да се поврзе таткото со своето новороденче е да ја сфати важноста на улогата што ја има: -Секоја татко треба да знае дека е важна фигура во животот на детето иако е различен од мама. Децата учат од различностите. Бебињата преку примарниот контакт со мајката здобиваат доверба и емпатија, а од татковците се учат на активност, иницијативност и одлучност. Иако навидум изгледа дека мајката и бебето во првите месеци се затворени во едно симбиотично гнездо, сепак, таткото е тука за да се грижи за нивната добростостојба и да и́ помага на мајката. Примарната врска меѓу таткото и бебето, која се гради во првите месеци е неопходна за понатамошен оптимален развој. Таткото треба да биде модел за идентификација на детето.

И покрај големата љубов што ја имаат за своето дете, татковците во првите месеци од неговиот живот се несигурни, во себе-за своето место, за улогата што ја имаат и на кој начин да се грижат за бебето. Од таа несигурност честопати се случуваат и грешки.

– Во првите неколку месеци вообичаено татковците како да се плашат да останат сами со бебето, да го земат во раце, да го пресоблечат… Голем број од нив се обидуваат на одреден начин да се поврзат со бебето, но доколку притоа немаат помош и поддршка од мајката или, пак, бабите го заземаат нивното место, брзо се откажуваат. Во тој случај се изолираат и се посветуваат на активности каде што се чувствуваат најсигурно – обезбедување на финансиската сигурност за семејството, градење кариера… Наместо тоа препорачливо е повеќе време да поминуваат со партнерката и бебето, да опсервираат и учат, зошто за воспоставување на емоционална врска треба време – советува Скепароска-Петковска.

Не се откажувајте при првиот плач на бебето кога е во вашите раце. Доколку имате барем еден успешен обид да го смирите расплаканото бебе или да предизвикате насмевка на неговите усни, вашата самодоверба како татко ќе се зголеми.

За оваа транзиција да помине што е можно побрзо таа потенцира дека потребно е и мајката да помогне во воспоставување врска меѓу таткото и бебето и нејзино зацврстување.

-Тоа што мајката може да го направи за да ја поттикне  конекцијата меѓу таткото и детето е пред се́ да има доверба во него. Дајте му простор да се вклучи во секојдневните активности и не се плашете дека нема да ги заврши успешно. Охрабрувајте го, тој го нема вашиот мајчински инстинкт, но еднакво добро знае да ги протолкува сигналите кои вашето бебе ги праќа. Кога таткото ќе го земе бебето не му составувајте список со забелешки како да постапува со него, како да го држи правилно, како да ја вози количката… На тој начин се зголемува несигурноста кај него.  Дајте им време за зближување со тоа што ќе си посветите малку време себе си. Отидете до продавница, на кафе со пријателка или само малку одморете додека таткото и бебето поминуваат  некој час заедно.  Кога таткото е сам со бебето, ќе најде соодветен начин  да ги намири неговите потреби.

Што да направите кога детето се соочува со училишна фобија

school-phobia-a23414f82187ca0c_large

Што е училишна фобија и како таа се манифестира?

Голем број на родители се соочуваат со потешкотии кога доаѓа ред за одење во училиште. Нивното дете почува да вика: „не сакам во училиште!ˮ или „ме боли стомакотˮ, „ме боли главатаˮ, „не ме терајте да одам во училиште!ˮ. Тоа може да се појави уште на самиот почеток, кога детето за првпат почнува да оди во училиште, а може да се појави и после извесно време поминато во училиште. Тогаш родителите најчесто не знаат што да направат. Секако, првата реакција е да се утеши детето, да се однесе на лекар, да се провери дали болките имаат органска основа. Откако истата слика се повторува повеќе пати, родителите стануваат лути, па пробуваат со молби, со награди и казни и слично. Се чини како ништо од тоа да не помага.

Не постои едно магично решение кое се покажало успешно кај сите деца. Еве неколку совети кои самите родители можат да ги применат и да видат што најдобро успева кај нивното дете.

  1. Не трудете се да го разубедите детето кога е во состојба на анксиозност. Во тој момент детето не е во состојба да ве слушне, разбере и да размислува јасно. Дури откако анксиозноста ќе се намали, тогаш поразговарајте со детето.
  2. Имајте на ум дека одредена доза на анксиозност понекогаш е корисна. Во помала мера, анксиозноста има заштитна функција. Секако дека во моментот кога анксиозноста почува да го кочи оптималното функционирање не е за занемарување.
  3. Помогнете му на детето да го персонифицира стравот. Со ваша помош нека нацрта како изгледа дете кое се плаши, како изгледа училиштето и што се случува таму. Играјте со кукла која истотака се плаши од училиште а вие ќе и́ помогнете да го надмине стравот.
  4. Разговарајте со детето во насока: „Што ако задоцни за во училиште, што ќе се случи?ˮ, „Што ако не оди на училиште воопшто?ˮ, „Што ќе биде ако другите деца не другаруваат со него?ˮ. Така ќе му помогнете да ги освести своите стравови и да разговара за нив.
  5. Потрудете се да не избегнувате ситуации од кои детето станува анксиозно. На анксиозноста и́ се пристапува чекор по чекор. На пример, за викенд посетете го училишниот двор, повикајте другарче зедно да пишуваат домашна задача и слично.

Доколку уште во најраната возраст не се открие потеклото на фобијата, која го попречува детето во секојдневното функционирање, таа перзистира и добива нови облици. Училишната фобија која се појавува во рана возраст понатаму може да добие нов облик во адолесцентната возраст или подоцна. Под нов облик се мисли на агорафобија, страв да се биде на места каде има многу луѓе, страв да се користи јавен транспорт, неможност да се вози автомобил и слично.

Стравот од одење во училиште иако навидум изгледа наивно, најчесто е сигнал дека нешто се случува во детскиот свет и не е за занемарување. Во пракса, доколку училишната фобија трае подолго време и не намалува на интензитет, се практикува работа со детето индивидуално, но и со семејството.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ ДАЛИ ВАШЕТО ДЕТЕ ИМА АУТИЗАМ

Autism1

Родителите секојдневно се соочуваат со безброј прашања околу развојот на своите деца, ги споредуваат со другите деца кои се на иста возраст и стануваат загрижени доколку развојот на нивното дете не се одвива со исто темпо како кај другите деца. Првиот сигнал за загриженост кај родителите се појавува тогаш кога говорот се јавува подоцна.

Аутизмот е тема која е широко распространета во последните неколку години. Се јавува во раното детство и предизвикува нарушување во повеќе базични аспекти на развојот, како што се: развој на говорот, детската игра и интеракција со другите луѓе. Знаците и симптомите варираат и се појавуваат различно кај секое дете.

Најспецифични знаци за препознавање на аутистично нарушување кај децата се:
• Потешкотии во вербалната и невербалната комуникација
• Потешкотии во поврзувањето со светот околу себе и со врсниците
• Ригидност во однесувањето, повторување на одредени движења
• Отсуство на игра која е специфична за возраста, симплифицирана игра

Иако, пред втората година од животот на детето, аутизмот не се дијагностицира, доколку забележите дел од знаците кои се специфични за аутизмот, посетете стручно лице кое ќе направи скрининг, затоа што раната интервенција, води до подобри резултати.
Накратко, доколку забележите дел од наведените знаци, обратете се кај стручно лице.
• Отсуство на насмевка кај бебето (до 6 месец)
• Бебето не се врти во насока на звукот и не покажува интерес за блиските (до 9 месец)
• Не се одзива кога го викате по име (12 месеци)
• Не ˮбрбориˮ, односно не испушта звуци кои потсетуваат на одредени на зборови (12 месеци)
• Не покажува со прстето на одреден предмет, не мавта кога му кажувате ˮчаоˮ (после првиот роденден)
• Не изговара ниту еден збор (после 16 месеци)
• Не кажува реченица составена од два збора и не ги имитира возрасните (околу втората година)

ПРОМОТИВНО, во месец Октомври, сите цени во СОВЕТУВАЛИШТЕ МОЗАИК на 50%

Советувалиштето ги нуди следниве услуги:

Психолошки преглед на деца од 2 до 14 години

  • Доколку размислувате дали развојот на Вашето дете се движи во правилна насока
  • Доколку доцни појавата на говорот
  • Кај детето се забележуваат знаци на анксиозност
  • Има потешкотии со адаптација во градинка
  • Има училишна фобија
  • Појава на ноќни стравови
  • Хиперактивност
  • Агресивност

Советување на адолецсенти и нивните семејства

  • Проблеми со исхраната
  • Ниска самодоверба
  • Депресија

Советување и психотерапија со возрасни

  • Кај фобии
  • Појава на анксиозност и панични напади
  • Депресија
  • Брачни и семејни проблеми
  • Синдром на ˮпрегореност од работаˮ
  • Потешкотии во комуникација со спротивниот пол

Психотерапија на парови

  • Медијација
  • Помош во заедничко наоѓање на решенија
  • Подобрување на комуникација помеѓу партнерите

 

Тестирање на деца со употреба на тестови и скринизи за деца

  • Тестови за интелигенција
  • Скрининг за ран психомоторен и емоционален развој
  • Скрининг за аутизам

 

Профилирање на возрасни со употреба на психолошки тестови

  • Тестови за интелигенција
  • Проективни техники
  • Инвентари за добивање на профил на личноста

wordcloud(1) (1)

Промоција – Едукативни работилници за трудници – 990 ден.

Eдукативни работилници за трудници и мајки
3 работилници во времетрење од 6 часа (секоја работилница по 2 часа)
ПРОМОТИВНА ЦЕНА 990 ДЕН.

Периодот на очекување дете може да биде истовремено едно од најубавите животни искуства, а од друга страна, пак, може да биде период исполнет со стрес, променливо расположение, загриженост и неизвесност околу породувањето и одгледувањето на бебето. Едукативните работилници се наменети за сите трудници кои сакаат психолошки да се подготват за периодот на породување и доаѓање на новороденчето на свет. Бидејќи  бременоста носи предизвици, психолошката едукација е одличен метод преку кој се учат техники за намалување на анксиозноста и неизвесноста, се прави психолошка подготовка за полесно и помалку стресно породување како и полесно пребродување на периодот на адаптација со новороденчето.

На работилниците може да учествуваат и мајки кои го поминале породувањето, а сакаат да се подготват за се́ што ги очекува натаму. Преку едукативните групи се учи како полесно да се одговори на потребите на бебето, се помага во зајакнување на врската помеѓу партнерите и наоѓање заеднички јазик околку одгледувањето на детето.

На работилниците ќе стане збор за породувањето, доењето, емоциите, за постпородилната депресија и како полесно да ја препознаеме. Ќе зборуваме за тоа што ве очекува во првата година помината со вашето бебе. Ќе имате можност да учите искуствено и да се запознаете со трудници и мајки кои сакаат да дознаат повеќе за своите доживувања, стравови и да споделат убави искуства.

Минимален број на учесници на работилниците е три (3).

Работилниците се предвидени да започнат во октомври, а термините ќе бидат договорени дополнително. За подетални информации јавете се на 075 22 11 02 или на mozaik.sovetuvaliste@gmail.com

Работилниците ги води м-р Надица Скепароска-Петковска, психолог и практикант на трансакциска психотерапија. Работилнците ќе се одвиваат во пријатната атмосфера во просториите на Советувалиште Мозаик.
index