Бременост, предизвици и постпородилна депресија

Периодот на очекување дете може да биде едно од најубавите животни искуства. Тој период ни помага да се промениме ние самите, ни дава нова смисла и ја зајакнува партнерската врска. Од друга страна пак, може да биде стресен период исполнет со променливо расположение, стравови за нероденото бебе, за текот на бременоста и породувањето. Доколку бременоста е ризична и постојат компликации или постојат несогласувања со партнерот околу раѓањето на детето тоа може да доведе до чувство на тага и неизвесност која не можеме да ја контролираме.Станувањето родител е истовремено и најтешката работа и најубавата работа кој некој може да ја доживее.
Предизвиците кои ги носи станувањето родител
Бременоста е предизвик за мајката која има потреба од помош и разбирање од страна на партнерот и поширокото семејство. Мајката обично носи поголем товар со самото тоа што го носи бебето, го раѓа и го дои. Многу жени во тој период се прашуваат дали фактот дека се жени значи дека автоматски треба да знаат се́ околу раѓањето и подигнувањето дете. Во нашата култура често е застапен ставот дека доколку нешто не е во ред со детето, виновна е мајката. Тоа е преголем товар за секоја жена.
Партнерската врска во тој период е ставена на тест на издржливост. Искуствата на новопечените родители покажуваат дека доколку двајцата партнери посакуваат дете и имаат усогласени ставови во однос на родителството и врската, доаѓањето на бебето може уште повеќе да ја зајакне врската. Во случај кога кај едниот партнер постои амбивалентен став во однос на раѓањето и одгледувањето на детето, постои веројатност врската да доживее криза.
Депресија во бременоста и постпородилна депресија
Раѓањето на бебе предизвикува безброј емоции кои се движат од возбуда и радост до страв и анксиозност. Постојат случаи кога мајката во одреден период од бременоста или после породување доживува депресија. Поголемиот број на мајки се соочуваат со постпородилната депресија која обично започнува непосредно ден или два после породувањето и може да трае подолго време. Во одредени случаеви може да започне подоцна. Искуствата кои ги опишуваат мајките кои се соочиле со постпородилна депресија се: анксиозност, константно чувство на тага, променливо расположение, потешкотии со спиењето, стравови за себе и бебето. Кај подолготрајната форма на постпородилна депресија се забележуваат следните симптоми: константно чувство на тага, неможност да се поврзе мајката со бебето, константна иритабилност, изолација, повеќекратни панични напади, намалена концентрација, намалена самодоверба и чувство дека е лоша мајка. Во таквите случаи најчесто помага советување и психотерапија.
Во продолжение, неколку изјави на мајките кои се соочиле со постпородилната депресија.
ˮРаѓањето на бебето е најсреќен момент а јас наместо да се радувам не можам да престанам да плачам„
ˮСе чувствувам беспомошна и тажна што не сум доволно добра мајка за мојот син. Го сакам премногу и мислам дека ќе му биде полесно без мене„
ˮБлиските ме осудуваат поради тоа што не можам да си помогнам и ми велат дека детето е најважно„
ˮЧувствувам вина затоа што имам се́ што сум сакала, а пак не сум среќна”.

trudnicki-hormoni

КАКО ДА ОДГЛЕДАТЕ ЕМОЦИОНАЛНО ИНТЕЛИГЕНТНО ДЕТЕ

Зошто е важно детето да поседува висок степен на емоцонална интелигенција? Емоционалната интелигенција помага за здрав и оптимален развој. Детето кое поседува висок степен на емоционална интелигенција има вештина да ги препознае своите емоции, да знае да ги разликува емоциите, знае да ги контролира своите емоции, како и да ги разбира емоционалните состојби на другите луѓе. На тој начин, детето има подобри шанси за успех понатаму во животот, во работната средина, во градењето пријателства, емоционални врски и семејство. Кога децата умеат да ги препознаат своите емоции, тие полесно можат да ги изразат своите желби и потреби. Ова е добра вест за родителите, бидејќи тоа значи помалку испади на бес, помалку инаетење и полесно пребродување на тантрумите.

Што значи вискоко ниво на емоционална интелигенција?

Детето кое поседува високо ниво на емоционална интелигенција има способност да ги идентификува и да ги искажува сопствените чувства. Пример: тажен/а сум, среќен/а сум, лут/а сум на…

Има способност истите чувства да ги поврзе со одредено однесување. Пример: кога сум тажен/а плачам, кога сум среќен/а се смеам, кога сум лут/а сакам да скршам нешто и сл.

Детето кое ги стекнало овие вештини понатаму може да ја развие вештината на пренасочување на чувствата. Тоа во конкретен пример би изгледало вака: „кога сум лут/а ми доаѓа да удрам некого, меѓутоа знам дека удирањето не е добро, затоа ќе шутнам со ногата во воздух и ќе кажам дека сум лут/а.„ Друг пример: „Се лутам кога ме терате да споделувам играчки со другарчињата. Во друга прилика ќе кажам дека не сум спремен/а да ја споделам играчката и ќе им понудам нешто друго.„

Како да му помогнете на детето да ја развива емоционалната интелигенција

Понудете му на детето можност  да ги изрази своите автентични доживувања на едноставен начин. Таа техника се вика „Научи да именуваш„ и подразбира правилно именување на секое чувство. Со тоа што детето ќе знае да каже дека е луто има помала можност да има испад на бес кој се јавува поради тоа што детето незнае како да каже дека чувствува лутина. На тој начин децата полесно ќе можат да ги препознаат емоциите кај другите луѓе и да ги именуваат.

Помогнете им на децата да научат да решаваат проблеми самите. Дајте им на децата можност да ги искусат и непријатните емоции без претерано да ги заштитувате. На тој начин кај децата се зголемува самодовербата и учат повеќе вештини.

Понудете им на децата да учествуваат во различни социјални ситуации. Ограничете го времето поминато пред компјутер, таблет или телевизор. Емоционалната интелигенција се гради преку контакти со врсници и други деца.

Читајте им на децата книги во кои има палета на доживувања прикажани соодветно за детската возраст. Играјте „не лути се човеку„ и секогаш кога ќе забележите дека детето се лути посочете му го тоа и најдете начин да го пренасочите.

За крај, не заборавајте дека вие сте моделот според кој вашето дете учи. Бидете искрени и доследни во изразувањето емоции. Зборувајте отворено пред децата на јазик кој е соодветен на нивната возраст. Детето треба да ги знае вашите маани и доблести. Потрудете се детето да го запознае хуморот и да научи да се шегува на начин кој е симпатичен за околината.

emotional

Промотивни тестирања на деца

ПРОМОЦИЈАТА ПРОДОЛЖИ И ВО АВГУСТ

ПСИХОЛОШКИ ТЕСТИРАЊА НА ДЕЦА

Дознајте повеќе за развојот на Вашите деца, повелете во МОЗАИК Советувалиште. ПРОМОЦИЈА- ТЕСТ 300 денари

  1. Тест за Емоционална Интелигенција -Lawrence Shapiro (наменет за деца постари од 3 години).  Тестот за емоционална интелигенција на Lawrence Shapiro е всушност прашалник за родителите кој дава податоци кои се однесуваат на тоа како детето ги препознава емоциите кај себе и другите луѓе, дали има развиени механизми за одбрана од стрес и колку верува во себе.
  2. Тест на Интелигенција на деца – ВИСК (наменет за деца на возраст од 5 до 16 години). Тестот на интелигенција WISK е составен од повеќе суптестови и дава повеќе податоци околу општите познавања на детето, способноста за решавање проблеми и сл. Од анализата се добиваат глобален количник на интелигенција, како и вербален и невербален количник поединечно.
  3. Тест за интелигенција преку цртеж – Gudinaf (наменет за деца од 3 до 14 години). Gudinaf тестот на интелигенција се одвива преку цртеж. Наменет е за деца на кои повеќе им одговараат невербални тестови. Дава податок дали интелектуалниот развој на Вашето дете соодветствува со хронолошката возраст.
  4. Тест за детскиот психомоторен развој – RTČ (наменет за деца од 2 до 8 години). RTČ е развоен тест кој дава повеќе податоци за тоа дали развојот се одвива во добар правец. Се следи говорот, моториката и емоционалниот аспект по пат на опсервација и вежби директно со детето.
  5. Систематски психолошки преглед – SPP-3 (наменет за деца од 3 до 5 години). SPP-3 е систематски психолошки преглед наменет за следење на децата од најрана возраст и дава податоци за когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој. Се состои од Тест кој се одвива преку игра со детето и прашалници за родители.
  6. Скала за општа анксиозност кај деца-ГАСК (за деца од 4 до 14 години). ГАСК скалата за општа анксиозност дава податоци за степенот на анксиозност и појава на стравови кај децата и адолесцентите.

Работно време на советувалиштето е од понеделник до петок од 9 до 17 часот.

Потребно е претходно закажување на термин на контакт телефон: 075 22 11 02 или e-mail: mozaik.sovetuvaliste@gmail.com.

За повеќе информации: http://www.mozaik-sovetuvaliste.mk

*Советувалиштето МОЗАИК, Друштво за приватна пракса за психологија е основано со цел да им излезе во пресрет на се́ поголемите побарувања на советодавна стручна помош. Советувалиштето работи со возрасни и деца. Услуги кои ги нуди советувалиштето се: психолошко советување, психотерапија, терапија со деца преку игра и тестирања на деца и возрасни. Психолог-терапевт е Надица Скепароска-Петковска, магистер на науки од областа на клиничката психологија и практикант на трансакциско-аналитичка психотерапија под супервизија на ИПТА-Љубљана. psych-eval-boy-blocks

Доењето како барометар на квалитетот на поврзување

Доењето е единствен и уникатен процес. Доењето не е само хранење, тоа е многу повеќе. Поврзаноста на бебето и мајката кое започнало во телото на мајката продолжува преку доењето. Кога се воспоставува процесот на доење, започнува и процесот на поврзување на бебето и мајката. Новороденчето уште од раѓање го чувствува мирисот на мајката и на тој начин може да направи разлика помеѓу мајката и другите. Преку мајчиното млеко, новороденчето добива и доза на љубов и емоции. Преку доењето се учи да стекнува доверба и недоверба.
Ексклузивното доење се смета дека е најдобро да трае шест месеци а наредните шест доењето да биде главен оброк. Доењето е најдоброто нешто што мајката може да го понуди на своето дете. Мајчиното млеко содржи хранливи материи кои се заслужни за подобар имунитет а покрај тоа доењето ја зајакнува телесната и психичка отпорност. Мајките кои не можат да дојат, можат и хранењето со шишенце да го направат на начин кој е најдобар за новороденчето. Најдобро е првите шест месеци исклучително мајката да го храни новороденчето со шише, земајќи го во раце на ист начин како да го дои.
Во текот на доењето бебето се учи на активност, потребно е добро да ја прифати дојката, да повлекува и голта. Таа активност е основа за понатамошниот развој, на тој начин детето се учи да вложи напор кој води кон задоволување на потребите. Доењето е активност бидејќи е пропратено со допири, мириси, ритам, вкус и говор на очи.
Кога доенчето ќе наполни шест месеци неговата активност добива нов облик. Обично тогаш почнуваат да растат и заби па многу мајки можат да посведочат за болката при гризнување на дојката. Со гризењето на дојката тоа сака на некој начин да ја задржи, меѓутоа понекогаш мајките размислуваат за одбивање на бебето поради болката која гризењето ја предизвикува. На тој начин бебето го доживува тоа од што всушност се плаши. Затоа, мајки издржете, тоа е само фаза која поминува.
Тука би споменала нешто и околу режимот на доење. Никако не е паметно да се гледа на саат и да се остави бебето да плаче од глад додека не му дојде време за доење. И бебињата како нас се суштества со потреби и секој ден тие потреби не се константни. Меѓутоа прашањето околу режимот на доење не е за занемарување. Убаво е бебето во првите месеци да се дои кога сака и колку сака. Во наредниот период се очекува бебето активно да покажува сигнали кои укажуваат на потреба по храна. На тој начин доењето почнува да се одложува и се воведува некој ритам. Тоа е основа за социјално учење кое е важно понатаму во животот. Важно е мајката да е усогласена со потребите на бебето и да знае добро да ги „чита„ сигналите кои бебето ги праќа. Секој плач на бебето не е поради глад, верувам многу од мајките би се сложиле со тоа.
Важноста на доењето од аспект на бебето ја истакнав погоре. Но, доењето е важно и за мајката истотака. Преку доењето мајката добива нов идентитет- мајка и доилка. Во текот на доењето мајката доживува олеснување поради испразнување на полната дојка, доживува задоволство поради тоа што дава и поради тоа што бебето е сито и среќно.
Доењето е симбиотичен однос, преку кој кој мајката и детето се сливаат во едно, заради остварување на заеднички потреби. Симбиотичен однос се развива кога новороденчето почнува да остварува контакт. Се остварува во пар-мајка и дете. Доколку мајката ја нема, таа улога ја презема таткото или лчноста која се грижи за бебето. Околу шестиот месец кога бебето почнува да се интересира за надворешните случувања и другите луѓе, симбиозата полека почнува да попушта. Тогаш се јавува емоционалното врзување и се разликува од симбиозата по тоа што бебето покрај мајката се интересира и за другите луѓе во блиската околина, ги истражува лицата на другите, бојата на гласот, движењата. За продолжена симбиоза станува збор кога бебето не се одвојува од мајката и не е заинтересирано за остварување контакт со други луѓе. Многу мајки во тој период може да се чувствуваат напуштено и да не дозволуваат бебето да се зближи со другите луѓе во својата околина. Понекогаш мајките се чувствуваат загрозено или чувствуваат љубомора и страв дека бебето ќе загуби интерес за нив кога е во рацете на некој друг член на поширокото семејство. Добро е да се знае дека бебето треба да се остави да истражува, со тоа што секогаш се враќа кај првиот објект на поврзување-мајката. Доколку доењето било пријатен процес за мајката и детето и кога ќе се прекине со доењето поврзаноста со мајката останува најсилна.
Важно е истотака одбивањето да не биде нагло и пребрзо. Обично после шестиот месец мајката започнува да нуди цврста храна, нови вкусови, нови чашки, лажичиња и сл. кои ја задоволуваат љубопитноста на бебето. Доењето останува како главен оброк, но и како време за галење и топлина. Доењето се поврзува со продолжена симбиоза тогаш кога мајката истрајува на постојано доење, не му овозможува на бебето да сигнализира кога е гладно и не овозможува после шестиот месец да се интересира за други вкусови и начини на хранење.
Доколку станува збор за продолжена симбиоза, поврзаноста на бебето кон мајката станува зависност и бебето станува пасивно,очекувајќи мајката да се погрижи за секоја негова потреба без истото да сигнализира дека ја има.
Мислам дека сите би се сложиле дека доењето е комплексен процес. Бара време, енергија и истрајност. Меѓутоа носи многу благодети и среќа. Тоа е основа за понатамошниот развој и токму затоа последните децении се истакнува важноста на доењето.

Извори:
1. Ainsworth, S.D.M. (1969). Object relations, dependency, and attachment: a theoretical rewiew of the infant-mother relathionship. Child Development, Vol.40, 969-1025

2. Praper, P. (1995). Tajko majhen, pa že nervozen!? Predsodki in resnice o nevrozi pri otroku. Nova Gorica: Educa
3. Hogg, T.& Blau, M.(2005). Secrets of the Baby Whisperer: How to Calm, Connect, and Communicate with Your Baby. Ballantine Books
breastfeeding