Бременост, предизвици и постпородилна депресија

Периодот на очекување дете може да биде едно од најубавите животни искуства. Тој период ни помага да се промениме ние самите, ни дава нова смисла и ја зајакнува партнерската врска. Од друга страна пак, може да биде стресен период исполнет со променливо расположение, стравови за нероденото бебе, за текот на бременоста и породувањето. Доколку бременоста е ризична и постојат компликации или постојат несогласувања со партнерот околу раѓањето на детето тоа може да доведе до чувство на тага и неизвесност која не можеме да ја контролираме.Станувањето родител е истовремено и најтешката работа и најубавата работа кој некој може да ја доживее.
Предизвиците кои ги носи станувањето родител
Бременоста е предизвик за мајката која има потреба од помош и разбирање од страна на партнерот и поширокото семејство. Мајката обично носи поголем товар со самото тоа што го носи бебето, го раѓа и го дои. Многу жени во тој период се прашуваат дали фактот дека се жени значи дека автоматски треба да знаат се́ околу раѓањето и подигнувањето дете. Во нашата култура често е застапен ставот дека доколку нешто не е во ред со детето, виновна е мајката. Тоа е преголем товар за секоја жена.
Партнерската врска во тој период е ставена на тест на издржливост. Искуствата на новопечените родители покажуваат дека доколку двајцата партнери посакуваат дете и имаат усогласени ставови во однос на родителството и врската, доаѓањето на бебето може уште повеќе да ја зајакне врската. Во случај кога кај едниот партнер постои амбивалентен став во однос на раѓањето и одгледувањето на детето, постои веројатност врската да доживее криза.
Депресија во бременоста и постпородилна депресија
Раѓањето на бебе предизвикува безброј емоции кои се движат од возбуда и радост до страв и анксиозност. Постојат случаи кога мајката во одреден период од бременоста или после породување доживува депресија. Поголемиот број на мајки се соочуваат со постпородилната депресија која обично започнува непосредно ден или два после породувањето и може да трае подолго време. Во одредени случаеви може да започне подоцна. Искуствата кои ги опишуваат мајките кои се соочиле со постпородилна депресија се: анксиозност, константно чувство на тага, променливо расположение, потешкотии со спиењето, стравови за себе и бебето. Кај подолготрајната форма на постпородилна депресија се забележуваат следните симптоми: константно чувство на тага, неможност да се поврзе мајката со бебето, константна иритабилност, изолација, повеќекратни панични напади, намалена концентрација, намалена самодоверба и чувство дека е лоша мајка. Во таквите случаи најчесто помага советување и психотерапија.
Во продолжение, неколку изјави на мајките кои се соочиле со постпородилната депресија.
ˮРаѓањето на бебето е најсреќен момент а јас наместо да се радувам не можам да престанам да плачам„
ˮСе чувствувам беспомошна и тажна што не сум доволно добра мајка за мојот син. Го сакам премногу и мислам дека ќе му биде полесно без мене„
ˮБлиските ме осудуваат поради тоа што не можам да си помогнам и ми велат дека детето е најважно„
ˮЧувствувам вина затоа што имам се́ што сум сакала, а пак не сум среќна”.

trudnicki-hormoni

Sponsored Post Learn from the experts: Create a successful blog with our brand new courseThe WordPress.com Blog

Are you new to blogging, and do you want step-by-step guidance on how to publish and grow your blog? Learn more about our new Blogging for Beginners course and get 50% off through December 10th.

WordPress.com is excited to announce our newest offering: a course just for beginning bloggers where you’ll learn everything you need to know about blogging from the most trusted experts in the industry. We have helped millions of blogs get up and running, we know what works, and we want you to to know everything we know. This course provides all the fundamental skills and inspiration you need to get your blog started, an interactive community forum, and content updated annually.

КАКО ДА ОДГЛЕДАТЕ ЕМОЦИОНАЛНО ИНТЕЛИГЕНТНО ДЕТЕ

Зошто е важно детето да поседува висок степен на емоцонална интелигенција? Емоционалната интелигенција помага за здрав и оптимален развој. Детето кое поседува висок степен на емоционална интелигенција има вештина да ги препознае своите емоции, да знае да ги разликува емоциите, знае да ги контролира своите емоции, како и да ги разбира емоционалните состојби на другите луѓе. На тој начин, детето има подобри шанси за успех понатаму во животот, во работната средина, во градењето пријателства, емоционални врски и семејство. Кога децата умеат да ги препознаат своите емоции, тие полесно можат да ги изразат своите желби и потреби. Ова е добра вест за родителите, бидејќи тоа значи помалку испади на бес, помалку инаетење и полесно пребродување на тантрумите.

Што значи вискоко ниво на емоционална интелигенција?

Детето кое поседува високо ниво на емоционална интелигенција има способност да ги идентификува и да ги искажува сопствените чувства. Пример: тажен/а сум, среќен/а сум, лут/а сум на…

Има способност истите чувства да ги поврзе со одредено однесување. Пример: кога сум тажен/а плачам, кога сум среќен/а се смеам, кога сум лут/а сакам да скршам нешто и сл.

Детето кое ги стекнало овие вештини понатаму може да ја развие вештината на пренасочување на чувствата. Тоа во конкретен пример би изгледало вака: „кога сум лут/а ми доаѓа да удрам некого, меѓутоа знам дека удирањето не е добро, затоа ќе шутнам со ногата во воздух и ќе кажам дека сум лут/а.„ Друг пример: „Се лутам кога ме терате да споделувам играчки со другарчињата. Во друга прилика ќе кажам дека не сум спремен/а да ја споделам играчката и ќе им понудам нешто друго.„

Како да му помогнете на детето да ја развива емоционалната интелигенција

Понудете му на детето можност  да ги изрази своите автентични доживувања на едноставен начин. Таа техника се вика „Научи да именуваш„ и подразбира правилно именување на секое чувство. Со тоа што детето ќе знае да каже дека е луто има помала можност да има испад на бес кој се јавува поради тоа што детето незнае како да каже дека чувствува лутина. На тој начин децата полесно ќе можат да ги препознаат емоциите кај другите луѓе и да ги именуваат.

Помогнете им на децата да научат да решаваат проблеми самите. Дајте им на децата можност да ги искусат и непријатните емоции без претерано да ги заштитувате. На тој начин кај децата се зголемува самодовербата и учат повеќе вештини.

Понудете им на децата да учествуваат во различни социјални ситуации. Ограничете го времето поминато пред компјутер, таблет или телевизор. Емоционалната интелигенција се гради преку контакти со врсници и други деца.

Читајте им на децата книги во кои има палета на доживувања прикажани соодветно за детската возраст. Играјте „не лути се човеку„ и секогаш кога ќе забележите дека детето се лути посочете му го тоа и најдете начин да го пренасочите.

За крај, не заборавајте дека вие сте моделот според кој вашето дете учи. Бидете искрени и доследни во изразувањето емоции. Зборувајте отворено пред децата на јазик кој е соодветен на нивната возраст. Детето треба да ги знае вашите маани и доблести. Потрудете се детето да го запознае хуморот и да научи да се шегува на начин кој е симпатичен за околината.

emotional

Промотивни тестирања на деца

ПРОМОЦИЈАТА ПРОДОЛЖИ И ВО АВГУСТ

ПСИХОЛОШКИ ТЕСТИРАЊА НА ДЕЦА

Дознајте повеќе за развојот на Вашите деца, повелете во МОЗАИК Советувалиште. ПРОМОЦИЈА- ТЕСТ 300 денари

  1. Тест за Емоционална Интелигенција -Lawrence Shapiro (наменет за деца постари од 3 години).  Тестот за емоционална интелигенција на Lawrence Shapiro е всушност прашалник за родителите кој дава податоци кои се однесуваат на тоа како детето ги препознава емоциите кај себе и другите луѓе, дали има развиени механизми за одбрана од стрес и колку верува во себе.
  2. Тест на Интелигенција на деца – ВИСК (наменет за деца на возраст од 5 до 16 години). Тестот на интелигенција WISK е составен од повеќе суптестови и дава повеќе податоци околу општите познавања на детето, способноста за решавање проблеми и сл. Од анализата се добиваат глобален количник на интелигенција, како и вербален и невербален количник поединечно.
  3. Тест за интелигенција преку цртеж – Gudinaf (наменет за деца од 3 до 14 години). Gudinaf тестот на интелигенција се одвива преку цртеж. Наменет е за деца на кои повеќе им одговараат невербални тестови. Дава податок дали интелектуалниот развој на Вашето дете соодветствува со хронолошката возраст.
  4. Тест за детскиот психомоторен развој – RTČ (наменет за деца од 2 до 8 години). RTČ е развоен тест кој дава повеќе податоци за тоа дали развојот се одвива во добар правец. Се следи говорот, моториката и емоционалниот аспект по пат на опсервација и вежби директно со детето.
  5. Систематски психолошки преглед – SPP-3 (наменет за деца од 3 до 5 години). SPP-3 е систематски психолошки преглед наменет за следење на децата од најрана возраст и дава податоци за когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој. Се состои од Тест кој се одвива преку игра со детето и прашалници за родители.
  6. Скала за општа анксиозност кај деца-ГАСК (за деца од 4 до 14 години). ГАСК скалата за општа анксиозност дава податоци за степенот на анксиозност и појава на стравови кај децата и адолесцентите.

Работно време на советувалиштето е од понеделник до петок од 9 до 17 часот.

Потребно е претходно закажување на термин на контакт телефон: 075 22 11 02 или e-mail: mozaik.sovetuvaliste@gmail.com.

За повеќе информации: http://www.mozaik-sovetuvaliste.mk

*Советувалиштето МОЗАИК, Друштво за приватна пракса за психологија е основано со цел да им излезе во пресрет на се́ поголемите побарувања на советодавна стручна помош. Советувалиштето работи со возрасни и деца. Услуги кои ги нуди советувалиштето се: психолошко советување, психотерапија, терапија со деца преку игра и тестирања на деца и возрасни. Психолог-терапевт е Надица Скепароска-Петковска, магистер на науки од областа на клиничката психологија и практикант на трансакциско-аналитичка психотерапија под супервизија на ИПТА-Љубљана. psych-eval-boy-blocks

Доењето како барометар на квалитетот на поврзување

Доењето е единствен и уникатен процес. Доењето не е само хранење, тоа е многу повеќе. Поврзаноста на бебето и мајката кое започнало во телото на мајката продолжува преку доењето. Кога се воспоставува процесот на доење, започнува и процесот на поврзување на бебето и мајката. Новороденчето уште од раѓање го чувствува мирисот на мајката и на тој начин може да направи разлика помеѓу мајката и другите. Преку мајчиното млеко, новороденчето добива и доза на љубов и емоции. Преку доењето се учи да стекнува доверба и недоверба.
Ексклузивното доење се смета дека е најдобро да трае шест месеци а наредните шест доењето да биде главен оброк. Доењето е најдоброто нешто што мајката може да го понуди на своето дете. Мајчиното млеко содржи хранливи материи кои се заслужни за подобар имунитет а покрај тоа доењето ја зајакнува телесната и психичка отпорност. Мајките кои не можат да дојат, можат и хранењето со шишенце да го направат на начин кој е најдобар за новороденчето. Најдобро е првите шест месеци исклучително мајката да го храни новороденчето со шише, земајќи го во раце на ист начин како да го дои.
Во текот на доењето бебето се учи на активност, потребно е добро да ја прифати дојката, да повлекува и голта. Таа активност е основа за понатамошниот развој, на тој начин детето се учи да вложи напор кој води кон задоволување на потребите. Доењето е активност бидејќи е пропратено со допири, мириси, ритам, вкус и говор на очи.
Кога доенчето ќе наполни шест месеци неговата активност добива нов облик. Обично тогаш почнуваат да растат и заби па многу мајки можат да посведочат за болката при гризнување на дојката. Со гризењето на дојката тоа сака на некој начин да ја задржи, меѓутоа понекогаш мајките размислуваат за одбивање на бебето поради болката која гризењето ја предизвикува. На тој начин бебето го доживува тоа од што всушност се плаши. Затоа, мајки издржете, тоа е само фаза која поминува.
Тука би споменала нешто и околу режимот на доење. Никако не е паметно да се гледа на саат и да се остави бебето да плаче од глад додека не му дојде време за доење. И бебињата како нас се суштества со потреби и секој ден тие потреби не се константни. Меѓутоа прашањето околу режимот на доење не е за занемарување. Убаво е бебето во првите месеци да се дои кога сака и колку сака. Во наредниот период се очекува бебето активно да покажува сигнали кои укажуваат на потреба по храна. На тој начин доењето почнува да се одложува и се воведува некој ритам. Тоа е основа за социјално учење кое е важно понатаму во животот. Важно е мајката да е усогласена со потребите на бебето и да знае добро да ги „чита„ сигналите кои бебето ги праќа. Секој плач на бебето не е поради глад, верувам многу од мајките би се сложиле со тоа.
Важноста на доењето од аспект на бебето ја истакнав погоре. Но, доењето е важно и за мајката истотака. Преку доењето мајката добива нов идентитет- мајка и доилка. Во текот на доењето мајката доживува олеснување поради испразнување на полната дојка, доживува задоволство поради тоа што дава и поради тоа што бебето е сито и среќно.
Доењето е симбиотичен однос, преку кој кој мајката и детето се сливаат во едно, заради остварување на заеднички потреби. Симбиотичен однос се развива кога новороденчето почнува да остварува контакт. Се остварува во пар-мајка и дете. Доколку мајката ја нема, таа улога ја презема таткото или лчноста која се грижи за бебето. Околу шестиот месец кога бебето почнува да се интересира за надворешните случувања и другите луѓе, симбиозата полека почнува да попушта. Тогаш се јавува емоционалното врзување и се разликува од симбиозата по тоа што бебето покрај мајката се интересира и за другите луѓе во блиската околина, ги истражува лицата на другите, бојата на гласот, движењата. За продолжена симбиоза станува збор кога бебето не се одвојува од мајката и не е заинтересирано за остварување контакт со други луѓе. Многу мајки во тој период може да се чувствуваат напуштено и да не дозволуваат бебето да се зближи со другите луѓе во својата околина. Понекогаш мајките се чувствуваат загрозено или чувствуваат љубомора и страв дека бебето ќе загуби интерес за нив кога е во рацете на некој друг член на поширокото семејство. Добро е да се знае дека бебето треба да се остави да истражува, со тоа што секогаш се враќа кај првиот објект на поврзување-мајката. Доколку доењето било пријатен процес за мајката и детето и кога ќе се прекине со доењето поврзаноста со мајката останува најсилна.
Важно е истотака одбивањето да не биде нагло и пребрзо. Обично после шестиот месец мајката започнува да нуди цврста храна, нови вкусови, нови чашки, лажичиња и сл. кои ја задоволуваат љубопитноста на бебето. Доењето останува како главен оброк, но и како време за галење и топлина. Доењето се поврзува со продолжена симбиоза тогаш кога мајката истрајува на постојано доење, не му овозможува на бебето да сигнализира кога е гладно и не овозможува после шестиот месец да се интересира за други вкусови и начини на хранење.
Доколку станува збор за продолжена симбиоза, поврзаноста на бебето кон мајката станува зависност и бебето станува пасивно,очекувајќи мајката да се погрижи за секоја негова потреба без истото да сигнализира дека ја има.
Мислам дека сите би се сложиле дека доењето е комплексен процес. Бара време, енергија и истрајност. Меѓутоа носи многу благодети и среќа. Тоа е основа за понатамошниот развој и токму затоа последните децении се истакнува важноста на доењето.

Извори:
1. Ainsworth, S.D.M. (1969). Object relations, dependency, and attachment: a theoretical rewiew of the infant-mother relathionship. Child Development, Vol.40, 969-1025

2. Praper, P. (1995). Tajko majhen, pa že nervozen!? Predsodki in resnice o nevrozi pri otroku. Nova Gorica: Educa
3. Hogg, T.& Blau, M.(2005). Secrets of the Baby Whisperer: How to Calm, Connect, and Communicate with Your Baby. Ballantine Books
breastfeeding

Децата и разводот

Разводот е процес низ кој секојдневно поминуваат многу семејства низ светот кои што претходно поминале низ брачен бродолом и решиле да стават крај на тоа. Без оглед на тоа колку труд и посветеност вложиле брачните партнери да го одржат бракот, најчесто поради децата, понекогаш е невозможно да се остане во брак. После разводот, родителите имаат голем број егзистенцијални проблеми а истовремено се загрижени за тоа како разводот влијае на нивните деца. Децата од семејствата кои се разведуваат, најчесто остануваат без објаснувања и за нив тоа најчесто е непријатно и предизвикува болни емоции.

Кои се ефектите од разводот кај децата?

Децата од предучилишна возраст најчесто сите доживувања од опкружувањето  ги поврзат со себе. Еве еден пример, доколку детето гледа дека мама и тато се тажни најчесто тоа го поврзува со фактот дека нешто направило погрешно. Во голем број на случаи предучилишните деца мислат дека самите тие се виновни за разводот на родителите. Поголемите деца на родителите кои минуваат низ развод најчесто покажуваат: анксиозност, загриженост, намалена концентрација следствено и пад на школскиот успех, неуспешна социјализација со врсници, намалена самодоверба и сл.

Она што е најважно е дека децата подоцна во животот живеат по модели кои се научени во најраната возраст. Родителите најчесто се модели за сопствените деца, за тоа како треба една врска помеѓу двајца возрасни луѓе да изгледа. Така, некои деца го повторуваат моделот на своите родители а некои пак се одлучуваат за сосема спротивен модел. Пример, доколку родителите доживувале кулминација во своите кавги пред детето, тоа живее со стравот дека мама и тато ќе се разделат или ќе се повредат еден со друг. Тоа дете може од најрана возраст да донесе одлука дека во неговиот брак нема да има кавги воопшто. Истото дете може да донесе и поинаква одлука од типот: бракот е тежок и стресен, затоа нема да формира брак кога ќе стане возрасен човек.

Постојат и обратни ситуации, односно семејства каде бракот не функционирал поголем дел од времето, каде родителите постојано биле во лоши односи, кавги и семејно насилство. Во тој случај, разводот некако ја смирува ситуацијата. Децата од таков брак после разводот се растеретуваат од стресот и може да си ја вратат самодовербата, да се намали анксиозноста кај нив, да ги поправат оцените во училиште и да стекнат нови пријателства.

Што можете да направите за Вашето дете после развод

За почеток секој родител е добро да знае дека детето заслужува одговори на некои прашања. Постојано разговарајте со детето, дајте му објаснувања за промената која настанала во семејството. Разговарајте со детето соодветно на неговата возраст и одговорете на сите негови прашања најсоодветно што можете. Претходно подгответе се што ќе му кажете на детето, бидете рационални и искрени. Објаснете му на детето дека тоа не е виновно затоа што мама и тато се развеле, дека тоа било ваша заедничка одлука.

Децата од предучилишна возраст па до пубертет, важно е за почеток да ги знаат сите технички детали: кај ќе живеат, со кого и во какви услови ќе го гледаат другиот родител. Можете да им кажете на децата: » мама и тато се договорија да живеат одвоено«, »не се согласувавме«, »пробувавме на различни начини, но не успеавме да ги решиме проблемите« и сл.

Не заборавајте да му кажете на Вашето дете дека е сакано и дека дошло на свет затоа што мама и тато се сакале. Без оглед на тоа колку сте лути или бесни на поранешниот партнер, потрудете се тоа да не го пренесете на детето. Потрудете се да не се поставите презаштитнички поради стравот дека детето ќе биде повредено на начинот на кој сте биле Вие повредени. Дајте му можност само да одлучи дали ќе му верува на другиот родител, со тоа што ќе му објасните како да се заштити од непосакувани ситуации. Никогаш не го ставајте детето во средина, односно не дозволувајте да биде ваш пренесувач на пораки до другиот родител или обратно.

Не заборавајте, колку и да е тешко после раводот, потрудете се да вложите максимално време, емоции, трпение и љубов во вашиот однос со децата. Барајте помош од поширокото семејство и пријателите и понудете му на детето опкружување со драги луѓе во кои има доверба.

 

 divorce

I could not talk
and so I drew
on the floor, with chalk,
When I was small.
I tried to tell you—
you didn’t know.
Poor soul!
I could not talk
and so I sketched
on paper, with charcoal,
When I was young.
I tried to show you—
you didn’t see.
Poor soul!
I could not talk
and so I painted
on canvas, with oil,
When I was grown.
I tried to reach you—
you didn’t understand.
Poor soul!
I could not talk
and so I created
on clay, with my hands,
When I was old.
I tried, too late!
You can no longer feel what I say.

J eanne B yrn e K o sek

Анализа на детските цртежи

Уште од најрана возраст, пред да се развие говорот, децата своите чувства ги изразуваат преку спонтаното цртање. Во секој цртеж се крие некоја длабока мисла или чувство. Дури откако ќе се развие говорот некои одредени чувства децата сеуште не можат да ги објаснат, затоа најдобро ги прикажуваат на хартија. Затоа, стручните лица кои работат со деца најчесто ги анализираат детските цртежи.
За децата од најмала возраст моливот, фломастерите, боичките, четката и хартијата се најдобро средство за проектирање на своите желби, стравови и чувства. Цртањето е многу значајно за детскиот развој и е на еден начин прозорец во детскиот свет. Преку цртежите може да се анализираат детските доживувања и тогаш кога детето не е спремно за разговор или откривање на чувства кои неможе да ги опише. Со други зборови, цртежите понекогаш може да бидат средство за комуникација и соопшување емоции и доживувања.
Анализата на цртежите дава појасна слика за когнитивниот дел (начин на доживување, начин на размислување, степен на концентрација и сл.), истовремено посочува дали постојат одредени емоционални потешкотии или нарушувања во равојот.
Што треба да имаат во предвид родителите кога ги разгледуваат детските цртежи. Дали се забележува некоја промена во содржината на цртежите, во боите кои се користат или во начинот на кој се прикажани содржините на цртежот.
Важно за родителите: не донесувајте брзи заклучоци за цртежите на Вашите деца, многу често детските цртежи може да се инспирирани од околината (цртани, филмови, приказни, компјутерски игри и сл.). Доколку се двоумите, посоветувајте се со стручно лице.
kids_drawing

Терапија со деца преку игра

Сите деца, дури и оние во хармоничните семејства опкружени со многу љубов и разбирање, честопати се сретнуваат со предизвиците на одраснувањето. Тие предизвици се поврзани со учењето на нови нешта, нови ситуации и се́ она што се случува во конфузниот свет на возрасните. Предизвик за едно дете може да биде тргнувањето во градинка или школо, може да биде ненадејна загуба на сакана личност, родителскиот развод, преселба, раѓање на помало братче или сестричка и слично.
Секој родител доколку навреме ги забележи и најмалите промени во однесувањето на детето, може да побара стручна помош и мислење. Тука станува збор за промени во однесувањето како: ненадејни изливи на агресивност, проблеми со намален училишен успех, пореметување во спиењето односно несоница, потоа психосоматски реакции кои се јавуваат кај децата, мокрење во кревет и сл.
Многу родители се прашуваат што да преземат во таков случај. Она што е најефикасно во таквите случаи е терапија преку игра која ја изведува психолог, терапевт и секое друго стручно лице кое е обучено за тоа.
Што е терапија преку игра и како таа се разликува од обичното играње?
Еве еден пример, кога детето покажува агресивност кон врсниците, помалото братче или сестричка или кон родителот. Преку насочената игра всушност, детето може да ја изрази агресивноста кон одредена кукла , да ја удри или да ја натера под казна да оди во ќош и на тој начин да го изрази својот бес на начин кој е општествено прифатлив. Потоа со помош на стручното лице кое е партнер во играта, детето разговара зошто и како куклата била казнета.
Друг пример, детето на предучилишна возраст може да компенизра за загубата на саканата личност или милениче преку насочена игра – лекување на животно-играчка или кукла на тој начин што ќе ја оздрави и врати во живот. Со секое повторување на играта детето учи повеќе за животот, разболувањето и смртта. Со секое повторување на играта и анксиозноста се намалува .
Жан Пијаже, добропознатиот психолог и проучувач на детскиот развој смета дека преку употребата на симболи, детето може да ги разработи и отфрли непријатните ситуации со помош на фантазијата. Односно, непосакуваните реакции може да се појават во играта на фантазирање и да се разработат со помош на стручното лице, како што и стравовите може да се неутрализираат преку соочување со нив во измислената игра.
play therapy

Анксиозност кај деца

Анксиозноста е нормална реакција и е важна биолошка функција во вид на аларм кој се активира секогаш кога претстои опасност или закана за човекот. Одредена доза на анксиозност е нормална и ни помага да останеме будни, фокусирани и мотивирани. Кај децата анксиозноста најчесто се јавува кога има скок во развојот.
Сите деца на одредена возраст доживуваат анксиозност и тоа е дел од нормалниот развој. Развојни стравови се јавуваат најрано во шестиот до осмиот месец од раѓањето, кога бебето започнува да се плаши од непознати лица. Помеѓу осмиот и единааесеттиот месец се јавува сепарациска анксиозност, односно страв од одвојување од родителите. Околу втората година се појавуваат стравови од животни, околу третата година стравови од измислени или реални чудовишта, околу пет-шест години се појавува страв од провалници, природни катастрофи и сл. Детската фантазија се преплетува со реалноста и тие стравови понатаму добиваат најразлични облици и може да траат подолг период.
Иако анксиозноста е нормален дел од детскиот развој, кај некои деца анксиозноста зема голем замав и ги попречува во извршувањето на секојдневните обврски. Тие деца не стекнуваат адекватни механизми за одбрана од стрес а најчесто луѓето од околината не реагираат соодветно на анксиозноста кај детето. На тој начин напнатоста расте, а родителите не наоѓаат соддветен начин како да се справат со анксиозноста кај своето дете.
Таа анксиозност може да влијае на целокупното функционирање на детето. Детето станува претерано плашливо, загрижено, не може да си игра, се повлекува од играта и дружењето со врсниците, постојано е згрижено за родителите и нивното здравје и безбедност, одбива да оди во градинка или училиште, покажува симптоми на главоболка, болки во стомак, проблеми со спиењето и сл. Детето кое се соочува со анксиозност и стравови најчесто има и ниска самодоверба.
Анксиозноста кај децата може да се појави во повеќе облици:
• Генерализирана анксиозна состојба
• Панични напади
• Пост-трауматски стрес синдром
• Изразена сепарациска анксиозност
• Социјални фобии
• Специфични фобии
Раната превенција е многу важна и може да се одвива како терапија преку игра, советување на родителите и давање упатства и насоки околу работата со детето. Доколку станува збор за училишни деца, со нив се работи на идентификација на негативните шаблони на размислување и нивна замена со позитивни; разграничување на нереалните идеи и стравови со реалните како и активности кои влијаат на зголемување на самодовербата.

pwa_feature_anxiety