Родителите секојдневно се соочуваат со безброј прашања околу развојот на своите деца, ги споредуваат со другите деца кои се на иста возраст и стануваат загрижени доколку развојот на нивното дете не се одвива со исто темпо како кај другите деца. Првиот сигнал за загриженост кај родителите се појавува тогаш кога говорот се јавува подоцна.
Аутизмот е тема која е широко распространета во последните неколку години. Се јавува во раното детство и предизвикува нарушување во повеќе базични аспекти на развојот, како што се: развој на говорот, детската игра и интеракција со другите луѓе. Знаците и симптомите варираат и се појавуваат различно кај секое дете.
Најспецифични знаци за препознавање на аутистично нарушување кај децата се:
• Потешкотии во вербалната и невербалната комуникација
• Потешкотии во поврзувањето со светот околу себе и со врсниците
• Ригидност во однесувањето, повторување на одредени движења
• Отсуство на игра која е специфична за возраста, симплифицирана игра
Иако, пред втората година од животот на детето, аутизмот не се дијагностицира, доколку забележите дел од знаците кои се специфични за аутизмот, посетете стручно лице кое ќе направи скрининг, затоа што раната интервенција, води до подобри резултати.
Накратко, доколку забележите дел од наведените знаци, обратете се кај стручно лице.
• Отсуство на насмевка кај бебето (до 6 месец)
• Бебето не се врти во насока на звукот и не покажува интерес за блиските (до 9 месец)
• Не се одзива кога го викате по име (12 месеци)
• Не ˮбрбориˮ, односно не испушта звуци кои потсетуваат на одредени на зборови (12 месеци)
• Не покажува со прстето на одреден предмет, не мавта кога му кажувате ˮчаоˮ (после првиот роденден)
• Не изговара ниту еден збор (после 16 месеци)
• Не кажува реченица составена од два збора и не ги имитира возрасните (околу втората година)