Уште од најрана возраст, пред да се развие говорот, децата своите чувства ги изразуваат преку спонтаното цртање. Во секој цртеж се крие некоја длабока мисла или чувство. Дури откако ќе се развие говорот некои одредени чувства децата сеуште не можат да ги објаснат, затоа најдобро ги прикажуваат на хартија. Затоа, стручните лица кои работат со деца најчесто ги анализираат детските цртежи.
За децата од најмала возраст моливот, фломастерите, боичките, четката и хартијата се најдобро средство за проектирање на своите желби, стравови и чувства. Цртањето е многу значајно за детскиот развој и е на еден начин прозорец во детскиот свет. Преку цртежите може да се анализираат детските доживувања и тогаш кога детето не е спремно за разговор или откривање на чувства кои неможе да ги опише. Со други зборови, цртежите понекогаш може да бидат средство за комуникација и соопшување емоции и доживувања.
Анализата на цртежите дава појасна слика за когнитивниот дел (начин на доживување, начин на размислување, степен на концентрација и сл.), истовремено посочува дали постојат одредени емоционални потешкотии или нарушувања во равојот.
Што треба да имаат во предвид родителите кога ги разгледуваат детските цртежи. Дали се забележува некоја промена во содржината на цртежите, во боите кои се користат или во начинот на кој се прикажани содржините на цртежот.
Важно за родителите: не донесувајте брзи заклучоци за цртежите на Вашите деца, многу често детските цртежи може да се инспирирани од околината (цртани, филмови, приказни, компјутерски игри и сл.). Доколку се двоумите, посоветувајте се со стручно лице.